„Самсунг“ во Тексас ќе гради фабрика за чипови од 17 милијарди долари

Компанијата „Самсунг“ планира во текот на наредните три години да изгради фабрика за полупроводници вредна 17 милијарди долари во близина на Остин, Тексас, како дел од напорите да го зголеми производствениот капацитет и да го ублажи глобалниот недостиг на чипови.

Јужнокорејскиот технолошки гигант во вторникот најави изградба на фабрика со вкупна површина од пет милиони квадратни метри, со цел да го зголеми производството на најсовремените логички полупроводници, кои се користат во телефони и компјутери, пренесува Си-ен-би-си.

Компанијата очекува градежните работи да започнат во првата половина на 2022 година и се надева дека фабриката ќе биде оперативна до втората половина на 2024 година.

Вкупната проектирана инвестиција од 17 милијарди долари ќе биде најголемата што „Самсунг“ досега ја има направено во САД. Оваа сума вклучува згради, машини и опрема.

„Самсунг“ започнал со работа во САД во 1978 година, а во земјата вработува повеќе од 20.000 луѓе. Со најновата инвестиција, вкупните инвестиции на „Самсунг“ во САД ќе надминат 47 милијарди долари, соопштија од компанијата.

Текстот „Самсунг“ во Тексас ќе гради фабрика за чипови од 17 милијарди долари е превземен од МАКФАКС.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *