Спасовски: Со подбора соработка до успешно управување со миграцијата

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на завршната Министерска конференција во рамки на Салцбуршки форум што беше организирана онлајн, од страна на Република Унгарија која во моментот претседава со овој форум. Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека Република Северна Македонија е дел од глобалниот одговор за сеопфатно и организирано справување со нелегалната миграција.

„Сега, повеќе од било кога претходно, имаме потреба од уште покоординирана и сеопфатна соработка на оперативно ниво, со цел одржливо и успешно управување со миграцијата. Неопходно е да се интензивира меѓусебната оперативна соработка во насока на навремена размена на податоци, профилирање на организирани криминални групи и криминални соработници, со цел воспоставување на заеднички истраги за сузбивање на криумчарење мигранти“, посочи министерот Спасовски, имајќи ги во преден план посебно земјите вдолж рутата, вклучително и земјите членки на ЕУ кои се крајни дестинации за мигрантите. Во тој контекст министерот Спасовски се осврна на поддршката и соработката со Фронтекс, која е на многу високо ниво и континуирано се продлабочува во сите области.

Во однос на соработката и можноста за воспоставување на координација помеѓу земјите членки на Салцбуршкиот форум и на Групата Пријатели на Форумот, министерот подвлече дека нивното продлабочување значи развивање на заеднички концепт и метод на работа кој ќе овозможи, пред сè, постојана ситуациска свесност, ефикасно справување со постоечката ситуација, но и брза реакција на непредвидени и нагли влошувања на состојбите.

„Имајќи ја предвид меѓународната димензија на илегалната миграција, ценам дека ниедна држава не може сама да одговори на ваквите глобални безбедносни предизвици, па оттаму, ефикасната превенција и сузбивање на појавните облици на ваквите феномени би подразбирала координирана акција и градење на заедничка безбедносна стратегија, како и интегриран и систематски пристап за справување со предизвиците“, рече Спасовски.

На крајот на своето обраќање министерот Спасовски изрази целосна поддршка од страна на Република Северна Македонија за сите заеднички иницијативи во справувањето со миграциските предизвици и борбата против криминалните појави кои се нужна последица на нелегалната миграција.

Текстот (Видео) Спасовски: Со подбора соработка до успешно управување со миграцијата е превземен од МАКФАКС.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published.